Шеху: Би било убаво сите да играме во Суперлигата, а не само Ахмети мултимилионерот и неговата банда!

„Многу тешка провокација од Али Ахмети, мултимилионерот со неговото семејство мултимилионери, дека е Супер супер супер лига! Тој зборува како 8-годишно дете! Колку би било убаво да играме и сите ние во Суперлигата, а не само Али Ахмети и неговата банда!“ – ова е жестоката реакција преку фејсбук на Екуран Шеху, член на Албанско-Американската лига на албанскиот лобист во САД Џо Диогарди, кон лидерот на ДУИ Али Ахмети, откако тој се испофали себеси дека е „играч во Супер супер лига“ на централната промоција за претставување на нивниот претседателски кандидат Бујар Османи, одржана во Скопје. Напаѓајќи го Арбен Таравари како претседателски кандидат на здружената албанска опозиција, на нивната претседателска промотивна конвенција Али Ахмети имаше кажано: „Не можам да играм јас, супер лига, со некој од локална лига, ние со Бујар Османи имаме супер лига на суперлигите. ДУИ не знае за пораз веќе 22 години, победивме воено и тактички во секоја битка. Сите тврдини на победите ги изградивме со албанскиот народ.“



Во реакцијата, која уследи од Соединетите Американски Држави, Шеху истакна: Многу тешка провокација од Али Ахмети, зборува како 8-годишно дете! Сигурно тоа што го кажува Ахмети значи дека е Супер супер супер лига, тој кој што е мултимилионер заедно со со своето семејство, исто така, мултимилионери во споредба со неговите сиромашни соседи и со неговиот сиромашен албански народ. Мултимилионери во споредба со луѓето, кои не можат да најдат работа ниту за 300 евра плата.

Но, јас воопшто не разбирам зошто избегале 300 илјади Албанци од таа Супер лига, та тие морале да бидат луди штом избегале од Суперлигата! Колку би било убаво да играме и сите ние во Суперлигата, а не само Али Ахмети и неговата банда!