Шабани: Тензиите околу црквата во Галате ги направи криминална група од соседните општини

Според градоначалникот на Општина Врапчиште, проблемите и подигањето на тензии околу реконструкцијата и уредувањето на дворот на црквата Св. Петка во Галате ги предизвикале луѓе од соседните општини, кои ги карактеризираше како криминална група.



– Зад овој чин стои некоја друга група граѓани кои го направиле овој криминален акт. На оваа криминална група им порачувам, за секој проблем, потреба, да се обратат на легален начин, бидејќи во овој случај тие извршија узурпација и демолирање на местото, рече Шабани.

Градоначалникот Шабани кажа дека имал средба со секретарот на Тетовско-гостиварската епархија и од него добил информација дека лицата кои работеле околу црквата не се дел од селскиот црковен одбор на Галате.

На новинарско прашање дали досега некој поднел документи или барање за реконструкција на црквата Св. Петка која е оштетена од пожар во 2001 година или нејзино возобновување, Шабани рече дека такво нешто немало. За барањето да се стопираат работите и полициската асистенција, напомена дека тој како функционер има обврска да застане во заштита на имот од узурпација на туѓ имот.