Шабан Салиу ослободен од притвор

Штипска Апелација го пушти од притвор Шабан Салиу, осомничен во случајот за пожарот во кочанската дискотека „Пулс“, потврдуваат оттаму за „Скопје1“. За разлика од претходните ослободувања кои дојдоа по предлог на Обвинителството, овојпат, тие се уште немаат добиено ниту решение. За тоа време, Салиу, веќе може да се шета слободно, а како мерка на претпазливост му е одземен само пасошот и треба да се јавува во скопскиот Кривичен суд двапати неделно. Салиу има и забрана за да се доближува и контактира со сведоци, вешти лица и оштетени.



„Скопје1“ дојде до одлуката на штипска Апелација. Во нејзе стои дека Вишото јавно обвинителство-Штип побарало Салиу да остане во притвор во затворот во Куманово.

Адвокатот Шенај Османов, бранител на Салиу, барал ослободување на клиентот поради неговата здравствена состојба, но и здравствената состојба на неговата сопруга за која рекол дека има потреба од постојана нега. Според бранителот, сопругата била со нарушено здравје и поради притворот на осомничениот Салиу.