„Tврдолинијашите во ВМРО-ДПМНЕ со врховистичко-фашистичките и користољубиви твистови немаат ама баш никаков план за ЕУ. Напротив, сè направија, за да ја дискредитираат ЕУ и особено преговарачката рамка. Дотолку повеќе што организираа насилство кога предлогот беше објавен! Сега истите тие верглаат и ветуваат помилување за 27 април. Која дрскост?! Дали тоа помилување станува услов за прифаќање на преговарачката рамка, дали е услов да се откочат евроинтеграциите? Дали спасот на кожите за таквото насилство врз уставниот поредок можно е да стане услов за ЕУ?“ – вели професорката по политички науки д-р Ана Чупеска од Правниот факултет „Јустинијан Први“ од Скопје во својата колумна со наслов „Saeculum obscurum“ („Мрачен век“ – заб.прев.), која ја објави весникот „Слободен печат“. Во колумната, исполнета со неосновани и неаргументирани напади врз ВМРО ДПМНЕ до степен на недозволиви и тешки навреди, колумнистката користи приземен речник и примитивна реторика, кои се недолични за универзитетски професор и за еден доктор на науки. Чупеска, која во 2023 година беше членка на владината Комисија за промена на уставот, во своето писание повикува дека „треба да се донесат тешките одлуки“, мислејќи токму на внесувањето на Бугарите во него. Таа „изнесува научни аргументи“ дека, божем, „ВМРО-ДПМНЕ немала капацитет да состави оригинална проевропска влада“ и во овој контекст „прогнозира“ дека „про-ЕУ влада ќе се формира, која ќе мора да ни овозможи членство во ЕУ до 2030“ – ама оти „некој друг“ ќе ја формира новата влада, не ВМРО ДПМНЕ, што е, несомнено, огромна желба на Чупеска!
Во својата колумна, покрај другото, Чупеска пишува: Оној што нема јасен план/решение/подобра понуда за ЕУ, за повисоки плати, за пензии и животен стандард, за посилна борба против корупцијата, може да се воочи лесно во предлогот на тра-ла-ла т.н. „Програма 1198“, ѓоа програма, во која има одеци од среден век – мрачен век, saeculum obscurum.
Тука тешко дека некој ќе може да формира анти-ЕУ/анти-НАТО влада. Владата ќе мора да биде составена само и исклучиво од субјекти со јасен план за влез во ЕУ што носи раст и развој, повисок стандард, повеќе демократија, посилна борба со корупција/криминал. Затоа не верувам дека ВМРО-ДПМНЕ има капацитет да состави оригинална проевропска влада, особено не ако не успее да се ослободи од субверзивните елементи во своите редови.
Поверојатно е дека про-ЕУ влада ќе се формира и таа ќе мора да ни овозможи членство во ЕУ до 2030. Мора и ние, како граѓани да се справиме со себе и со донесувањето тешки одлуки. На претстојните избори се одлучува дали земјава ќе влезе во ЕУ до 2030, или ќе се загрози иднината на најмалку уште една цела генерација!
!




