Црногорците доброволно го предаваат оружјето – за 3 дена 33 парчиња оружје

Граѓаните во Црна Гора за три дена доброволно ѝ предале на полицијата 33 парчиња оружје и околу 500 парчиња муниција во рамки на повеќегодишната кампања „Почитувај го животот, врати го оружјето“.



Црногорската полициска управа соопшти дека граѓаните доброволно предале 19 пиштоли, 14 пушки, 496 парчиња муниција, како и неколку делови од оружје.

Црна Гора е на трето место во светот по бројот на оружје што го поседуваат граѓаните, изјави потпретседателот на Независниот полициски синдикат на Црна Гора, Ѓорѓије Вукиќевиќ, пренесува агенцијата „Анадолу“.

Вукиќевиќ рече дека во Црна Гора легално се вооружени околу 68.000 граѓани, а поседуваат повеќе од 100.000 оружје.

„Од друга страна, проценките се дека граѓаните нелегално поседуваат најмалку уште 40.000, па дури и повеќе од 100.000 парчиња оружје. За ваквото вооружување на граѓаните потребна е сериозна анализа и реакција на надлежните институции“, рече Вукиќевиќ.

Црногорскиот премиер Милојко Спајиќ најави строги мерки против лицата со нелегално оружје.

„Кампањата „Почитувај го животот, врати го оружјето“ веќе даде резултати. Таа ќе биде осудена на два месеци. Доколку луѓето вратат нелегално оружје во тој рок, нема да има правни последици. Но кој нема да го врати по тој рок ќе биде најстрого казнет. Нема да има милост за тие луѓе“, рече Спајиќ.

Тој објасни дека по тој рок ќе стапи на сила новиот Закон за оружје и дека секое носење или поседување оружје ќе се казнува со највисоки казни, а законот ќе биде експлицитен и нема да остава простор за притисок врз судиите.