Два момента од големото реми 25:25 со уште поголемиот противник, европскиот ракометен првак Германија, долго ќе се прераскажуваат меѓу љубителите на ракометот во Македонија, но и низ целиот свет што има(ше) можност да ги види.
Првиот е „цепелинот“ меѓу десниот бек Кирил Лазаров и десното крило Гоце Георгиевски, чија повратна топка капитенот ја заби во мрежата на германскиот голман Силвио Хајневетер за водство од 3:1 во 6. минута.
Лазаров беше вклучен и во втората бравура на македонските ракометари, кога го проигра кружниот напаѓач Стојанче Стоилов, а овој од свртување, без да го гледа противничкиот гол, ја испрати топката во горниот десен агол од голот на „панцерите“ за водство од 18:16 во 39. минута.
Сепак, ова не беше доволно за Лазаров или Стоилов да го понесат признанието најкорисен играч на средбата, кое му припадна на голманот Борко Ристовски, кој забележа 12 одбрани од 33 удари, повеќе од двајцата германски голмани, кои заедно имаа десет одбрани.





