„Триесет и три години мафиите облечени во власт го шетаа народот по ќерамиди. Летаме во место со ‘лидери’ под кодни имиња Папа, Мона Лиза, Гаргамел, Патор, Мародер, Таче. Чистење и отарасување од ваков џган е рецептот од репликата во култниот филм ‘Среќна нова ‘49’: ‘Гомнарот со гомнарски цефки се маа’! Доказ за ова беа предновогодишните полициски акции за чистење на арамилакот. Тоа се акции важни за иднината и последна можност за спас од распарталениот клептократски систем Мафијадонија! Останува само да се види до каде ќе се оди.“ – нагласува д-р Гроздан Цветковски, безбедносен аналитичар и поранешен началник и главен инспектор во МВР, како и поранешен директор за аналитика во Агенцијата за разузнавање. Овие ставови Цветковски ги изнесува во својата колумна со наслов „Турни ме, да кинисам“, која ја објави „Фокус“.
Покрај другото, натаму Цветковски пишува: Успехот против „октоподот“ најмногу ќе зависи од департизацијата и отстранувањето на фалсфејшерите и „кртовите“ во полицијата. Посебно ќе зависи од реформата на правосудниот систем, метастазиран со корупција.
Веќе ептен јасно стана дека Мафијадонија тешко ќе ја биде. Не може сама да ја проектира иднината. Ја разнебитија посесивните властодршци, кои лажат и кога дишат! Со Преспанската мафијашка иницијација (изведување симболички обреди, заради воведување во некоја секта – заб.прев.) „Бакнеж на смртта“ го прекрстија името на државата, а со фаталниот „Француски дил“ го шитнаа идентитетот.
Лет во место
Изминаа три децении партиска партизанштина и инсталирање во институциите на неграмотни корисни идиоти со фалш дипломи. Партиски властодршци со когнитивна дисонантност (судир во ставовите – заб.прев.) ги глодаа и ги поништуваа знаењето, стручноста, правдата, емпатијата и одговорноста, а претпочитаа кретенизам, лаги, пљачки и вградување во клептократскиот систем. Стар табиет на мрзеливост, некадарност и неодговорност. Произведување калакурница, рушвет и разваљотка. Три децении симулација на држава. Р’бет на општество од недоквакани луѓе со просечни способности и лигави подлизурковци.
Светот останува на младите. Големата надеж е во „Z“ (Zed) генерацијата, родени од 1995 до 2012 година и особено „Алфа генерацијата“, родени од 2013 до денес, прва што ќе го доживее следниот век. Тие се синоним за дигитално махерство, визија и енергија, кои ќе имаат пресудна улога во креирањето на македонската иднина.





