„Бакојани, како поранешен министер за надворешни работи, треба да знае дека надворешна политика не се води со твитови“, рече портпаролот на грчката Влада, Димитрис Цанакопулос, одговарајќи на изјавите на Дора Бакојани, која на „Твитер“ ја обвини Владата дека оди на преговори со ПЈРМ со две различни позиции.
Тој информираше дека Владата има волја и способност да го реши проблемот што на земјата ѝ останал од нејзината партија и заклучува: „Очекуваме да кажете дали позицијата на денешната Нова демократија е онаа на Константинос Мицотакис или на Андонис Самарас за да се најде решение“.
Претходно, Бакојани, осврнувајќи се на прашањето за името на ПЈРМ, објави дека „Владата е длабоко поделена“ и коментираше дека „имаме влада што преговара со две различни позиции и е осудена на пропаст“.
Бакојани дури и не ја отфрли можноста за избори во земјата поради ова прашање, пренесоа грчки медиуми.
Таа рече дека „одговорноста е огромна“ и ги обвини СИРИЗА и АНЕЛ (Независни Грци на Панос Каменос –н.з.) за нивниот став.
За изјавите на владиниот портпарол, Бакојани, која е пратеник на Неа демократија, рече дека тоа што тој треба да го стори е да каже со каква позиција преговара Владата.
Таа изнесе мислење дека министерот за надворешни работи Никос Коѕиас „нема национална позиција“.
Бакојани смета дека ставот на СИРИЗА е сложено име со географска позиција, додека Каменос ја отфрла можноста името на северниот сосед да го содржи зборот „Македонија“.





