Хајдари: Ако ВМРО ДПМНЕ и СДСМ останат против Албанската академија, ќе одберат пат повеќе погрешен и од патот пред 2001!

„Идејата за Албанска академија треба да ја поддржи целиот македонски политички чинител, бидејќи никому не му се нанесува штета, туку е спротивно. Оваа моќна идеја мора да биде поддржана од целиот албански политички спектар, од академскиот свет, но и од сите албански интелектуални кругови во Македонија и пошироко. Оваа идеја сигурно ќе придонесе позитивно за * Македонија. Но, ако ВМРО ДПМНЕ и Мицкоски, но и СДСМ и Филипче, како и нивните следбеници, продолжат со својот став ‘против’ Албанската академија и другите легитимни албански национални барања, тогаш ќе го одберат најпогрешниот пат, повеќе погрешен дури и во споредба со патот од пред 2001 година. Тој пат нема да води кон стабилна и перспективна држава.“ – вели со своевиден заканувачки тон Фејзи Хајдари, новинар и издавач на весникот на албански јазик „Лајм“, во својата колумна со наслов „Исти се!“.


Хајдари пишува: „Исти се…“, кога се во прашање интересите на Албанците! Вака го насловив мојот коментар, објавен пред некое време, кога македонските партии ВМРОДПМНЕ и СДСМ имаа ист став „против“ кога стануваше збор за „отстранување на 20 отсто“ – најнавредлива уставна формулација, што ја имале Албанците кога било во својата историја во * Македонија. ВМРО ДПМНЕ и СДСМ се секогаш поврзани со ваквите свои ставови кога се работи за албанските национални барања. Исто така, и околу Албанската академија ВМРО ДПМНЕ и СДСМ го зазедоа истиот став. Во врска со албанските барања македонскиот политички чинител е обединет во стилот: „Нема да попуштиме!“

Албанскиот политички чинител не бил единствен околу ниедно албанско национално барање уште од 2001 година. Ова ги охрабри „политичките Македонци“ да имаат став „против“ во врска со легитимните албански барања… Ваквиот став на оваа држава Македонија ја доведе до ова дереџе да се фати во костец со сите околни земји, кои се полноправни членки на ЕУ и НАТО, што ѝ го блокираше и патот кон ЕУ.

Не можам да го разберам фактот дека „македонскиот политички чинител“ е свесен за катастрофалните последици од оваа политика „против“ барањата на Албанците, затоа е многу чудно нивното инсистирање да се одржи овој став „против“! Токму овој став кон Албанците ѝ донесе на Македонија големи последици на патот кон интегрирањето во релевантните меѓународни механизми.

И покрај овие последици, Македонците континуирано го негуваат овој став против албанските национални барања. „Политичките Македонци“ се уште се за зачувување на Македонската академија со симболика, со „периодични“ и „периферни Албанци“, како што беше досега – со такви Албанци, кои ќе му служат на македонскиот национален интерес. Навредливата Енциклопедија произлезе токму од овие кругови. Потоа истите кругови продолжија со училишни учебници навредливи за Албанците и др.

Поздрав до Мицкоски и Филипче и нивните следбеници, поздрав и до македонските академици, инспирирани секогаш од Српската академија – САНУ: ако сакате перспективна и стабилна држава, тогаш овој пат е најпогрешниот, што сте го избрале, дури и во споредба со патот од пред 2001 година. Сега се сади противалбанство, а од вас произлезе и идејата за поделба во текот на 2001 година. Не го заборавија Албанците ова… не, не! Продолжете, ако сметате дека е добар овој противалбански став, како што сте почнале во последниве години… Се разбира, без никаква перспектива за граѓаните…

Идејата за Албанска академија треба да ја поддржи целиот македонски политички чинител, бидејќи никому не му се нанесува штета, туку е спротивно. Оваа моќна идеја мора да биде поддржана од целиот албански политички спектар, од академскиот свет, но и од сите албански интелектуални кругови во Македонија и пошироко. Иако е задоцнета оваа идеја, сигурно е дека таа позитивно ќе придонесе за * Македонија. Колку побргу ќе биде позитивно сфатено тоа од страна на „политичките Македонци“, толку побрзо ќе уживаме во „првите плодови“.

Конечно, од албанските академии во регионот историски никогаш не произлегле луди идеи, како идејата на Македонската академија за поделба на Македонија, или на Српската академија за истребување на Албанците… Албанците со своите Академии не воделе политика против другите народи, туку ги унапредиле научната работа и обврските, кои произлегуваат од оваа висока академска институција.