Додека ураганот „Харви“ се уште беснее во Тексас, предизвикувајќи голема материјална штета, по што бројот на жртвите веќе изнесува осум лица, а бројката се очекува да расте, Американците се сеќаваат на ваквите катастрофи низ годините.
Така според Националната океанска и атмосферска администрација, ураганот што го погодил Галвестон, Тексас, во 1900 година бил најсмртоносен, со повеќе од 8.000 жртви со тоа што овие непогоди најчесто не биле именувани пред основањето на Националниот центар за урагани, во 1950 година.
Во 1928 година, во бура која ја погодила југоисточна Флорида, загинале околу 2.500 лица, а два неименувани урагани од 1893 година ги заокружуваат најсмртоносните пет. Едно невреме ја погоди Луизијана, при што загинаа меѓу 1.100 и 1.400 лица, додека друго ги погоди Џорџија и Јужна Каролина, при што загинаа од 1.000 до 2.000 лица, велат од Националната океанска и атмосферска администрација.

Од Националната океанска и атмосферска администрација велат дека „Катрина“ се смета за најскап ураган на сите времиња, со проценка на штетата од околу 108 милијарди долари. „Ендрју“, кој ги зафати Флорида и Луизијана во 1992 година, предизвика штета од околу 26,5 милијарди долари. Во 2005 година, „Вилма“ ја погоди Јужна Флорида, предизвикувајќи штета од околу 21 милијарда долари. Заокружување на најскапите пет е „Иван“, кој ги погоди северна Флорида и Алабама во 2004-та година, со штети од околу 18,8 милијарди долари.
Од Националната океанска и атмосферска велат дека врз основа на податоците од 1851 до 2010 година, во САД во просек има 5,4 урагани годишно.





