Хан ја нарече владата на Заев „македонска“ и ја пофали за напорите кон Грција

Еврокомесарот за проширување Јоханес Хан во интервју за австрискиот весник „Винер цајтунг“ ја оцени како „значително подобрена“ атмосферата меѓу Македонија и Грција, благодарение на „активните напори на актуелната македонска влада“.



„Комисијата на ЕУ веќе препорача девет пати да се почнат преговори за пристапување со Скопје. Атмосферата меѓу двете соседни земји сега е значително подобрена благодарение на активните напори на актуелната македонска влада. Сега имаме прозорец на можности до средината на следната година, пред почетокот на изборната кампања во Грција. И постои сè поголемо разбирање дека мора да се бара политичко решение. Исто така, постои подготвеност во грчката влада да го стори тоа. Таму сега, исто како и во другите држави-членки, има разбирање дека на земјите им треба ЕУ-перспектива за да се избегне лизгање од патот. Ништо нема да се случи без европската заштитна мрежа“, одговори Хан на прашањето „Не може ли Грција да се солидаризира со соседот Македонија, чиј пат кон ЕУ и НАТО го блокира Атина поради спорот околу името?“.