Франција пресилна, Македонија меѓу 13 и 16 место на 29. СП во ракомет

Шесткратниот светски шампион Франција се покажа преголем залак за ракометната репрезентација на Македонија на крајот од главната фаза, која со поразот од 32:25 го освои четвртото место во групата, завршувајќи пред Австрија и Катар, а во конечниот поредок ќе биде меѓу 13 и 16 место меѓу 32 селекции.



Во 100. натпревар на големите натпреварувања, 60. на планетарните шампионати, „црвено-жолтите“ долго му даваа достоен отпор на изразитиот фаворит, одржувајќи ја негативата околу четири гола разлика и не дозволија пораз поголем од девет погодоци, кој ќе ги спуштеше една позиција подолу.

Како и во претходниот дуел со Катар, Марко Митев, кој запиша 4 гола и 1 асистенција, беше прогласен за играч на натпреварот, а првиот стрелец на првенството Филип Кузмановски го заврши мечот како најефикасен во македонскиот тим со 8/13.

Светла точка во поразениот состав беа и голманите – Никола Митревски забележа 10 успешни интервенции, а Иван Галевски во дебито на мундијалите прокнижи две одбрани, од кои еден седмерец.