Гаснењето на пожарот во скопски Чаир се одвива отежнато поради големата количина на чад и високата температура во подрумите во кои била складирана поголема количина на запаливи материјали, информираа попладнево од ЦУК. Дополнително како помош на скопските пожарникари ќе пристигне специјално противпожарно возило на Армијата, додаваат од таму.

Инаку, 0д МВР информира дека во 01:55 часот во СВР Скопје било пријавено дека настанал пожар во подрумски простории во зграда на улица „Серава“ во Скопје. На лице место била упатена екипа на Бригадата за противпожарна заштита Скопје и полициски службеници од СВР Скопје. Додека, Центарот за управување со кризи информираше дека интервенцијата се извршувала со седум возила и 20 пожарникари. Опожарен е дуќанот за електроника „Хороз Електрик“ на приземјето во зградата.
Вкупно 43 лица се хоспитализирани по пожарот во зграда во Чаир што избувна утрово. На Клиниката за токсикологија биле примени 31 пациент, од кои пет се задржани на болничко лекување. На Детската клиника биле примени 12 деца, од кои две се задржани на лекување. Сите пациенти се во стабилна состојба.

Како што информирадиректорот на Клиниката за токсикологија, Андон Чибишев, таму денеска имало 31 пациент од кои пет се задржани на болничко лекување, а според директорот на Детска клиника Реџеп Мемеди, кај нив се примени 12 деца на возраст од 5 месеци до 11 години. Сите пациенти се во стабилна состојба.
„Добар дел од пациентите, не носеа документи со нив, затоа што итно се донесени кај нас и затоа не знам точна возраст на најмладиот и највозрасниот пациент. Од тие 30 пациенти кои ние ги прегледавме, 4пациенти кои имаа потешка клиничка слика и повозрасни, се задржани на одделот за интензивна нега и лекување за понатамошен третман. Другите 23 пациенти се опсервирани во дневна болница, примаат терапија, некои се пуштени дома заради подобрената општа состојба“ рече Андон Чибишев, директор на ЈЗУ Универзитетска клиника за токсикологија.

Додека пак на Детската клиника биле донесени 12 деца. Најмалото на петмесечна, а најголемото на 11 годишна возраст. Од клиниката велат дека сите имале симптоми на труење со чад. Две деца се задржани на клиниката, останатите 10 на барање на родителите биле пуштени дома.
„Сите деца беа стабилни, свесни, во стабилна општа состојба. Три од нив беа поуморни, во смисла ненаспани. Меѓутоа во однос на виталните параметри и мониторингот што го направивме сите знаци беа во рамките на нормални врдности“, рече Реџеп Мемеди, директор на Детска клиника.

Во гаснењето на пожарот интервенирале 20 пожарникари и седум противпожарни возила. При интервенцијата еден пожарникар и еден полициски службеник биле однесени на клиника, поради вдишано големо количество чад.





