Фицо: Украина нема да дочека покана за НАТО…

 

Украина ќе изгуби третина од својата територија во конфликтот со Русија и нема да дочека САД и сојузниците да ја поканат во НАТО, изјави премиерот на Словачка Роберт Фицо.



Според него, Западот ќе ја жртвува Украина по нејзиниот неуспех, земјата би можела да се подели како Чехословачка во 1938 година.

„Мислам дека Украина ќе изгуби една третина од својата територија, но ќе ѝ бидат понудени безбедносни гаранции, на пример присуство на странски војници“, рече Фицо во интервју за бразилскиот весник „Фолха де Сао Паоло“, пренесува Б92

Според него, решението на конфликтот во Украина може да биде само прекин на огнот и започнување на преговарачкиот процес.

„Украина дозволи да биде вовлечена во таква приказна која не може добро да заврши за земјата. Ќе ја изгуби својата територија и нема да биде поканета во НАТО“, изјави Фицо и додаде дека секој што е барем малку реален, треба да признае дека Русија никогаш нема да се повлече од Крим, ДНР и ЛНР.

Тој рече дека никогаш нема да го поддржи влезот на Украина во НАТО додека е премиер.

Тој исто така смета дека Европа треба да започне нормален дијалог со Русија.

„Сакам нормализирање на односите со Русија… Треба да започнеме нормален дијалог, бидејќи ова што се случува денес не е нормално. И гарантирам дека штом ќе заврши војната, сè ќе биде како и обично. Сите ќе одат таму ( кон Русија), секој ќе сака да купува и продава“, рече словачкиот премиер.

Фицо нагласи дека Западот сакал да го искористи конфликтот во Украина за да ја ослаби Русија, но дека политиката на санкции не успеала.

„Во Украина се слеваат милијарди евра и долари, многу хуманитарна помош, оружје.
Каков е резултатот? Руската армија освојува се повеќе територии, санкциите не функционираат, а Украина веќе не може да води преговори од силна позиција. “, вели словачкиот премиер.