Грчкиот премиер Алексис Ципрас ќе ги информира претседателот на државата, раководството на Министерството за надворешни работи, коалициониот партнер во владата и лидерите на политичките партии за последните случувања во прашањето со името.
Според грчките медиуми, Алексис Ципрас утрово веќе имал средба со неговиот коалициски партнер и министер за одбрана Панос Каменос, а за попладне е закажан мини министерски совет во премиерската палата, на кој ќе присуствува и шефот на грчката дипломатија Никос Коѕијас и неговите заменици.
Вечерва пак, грчкиот премиер ќе се сретне и со претседателот Прокопис Павлопулос за да го информира за „развојот на настаните во врска со националните прашања“.
Во текот на утрешниот ден, според соопштение на кабинетот на премиерот, Ципрас во премиерската палата ќе има одделни средби со лидерите на политичките партии.





