Ако ракометната репрезентација на Македонија има некаква предност во однос на Шпанија пред вечерашниот дуел од 20:30 часот на Европското првенство во Хрватска, наспроти лошата тардиција и поразите во сите пет меѓусебни дуели досега, тоа би требало да биде селекторот Раул Гонзалес.
Секако, Македонија стартува во втората фаза и со еден бод повеќе од „фуријата“, сигурно ќе има и неспоредливо поголема поддршка од трибините во Вараждин, но европскиот вицешампион е фаворит според обложувалниците, во кои коефициентите се 1.40 за негова победа и дури 4.25 за триумф на Македонија.
Покрај тоа, Шпанците имаат 12 медали од големите натпреварувања, и тоа две злата и бронза од мундијалите, четири сребра и две бронзи од еврошампионатите и уште три бронзи од олимпијадите.
Сепак, Македонија го има најдобриот тренер за минатата година, кога со Вардар ја освои Лигата на шампионите, кој одлично ги познава шпанските репрезентативци. Во Сиудад Реал, Атлетико Мадрид и сега во Вардар тој има тренирано четворица од сегашниот шпански ростер: Жоан Кањелјас, Виран Морос и браќата Алекс и Даниел Душебаеви.
„Покрај нивниот татко Талант, јас им бев првиот ракометен тренер на Алекс и на Даниел. И сè уште момците се повеќе од само играчи за мене. Целото семејство Душебаеви ми се вистински пријатели“, вели Раул, кој му беше помошник на Талант во Сиудад Реал и во Мадрид.
Гонзалес внесе многу елементи на модерниот ракомет во играта на македонскиот тим, меѓу кои и нападот „седум на шест“ што го форсираше во текот на целото прво полувреме против Германија.
„Не можете да го спроведете вашиот тактички систем без волјата на играчите. Затоа, го анализирав македонскиот систем на игра и додадов малку шпанско влијание за да го подобрам тимскиот дух. Тоа функционираше добро со Вардар, па се надевам дека така ќе биде и со репрезентацијата“, објаснува тој.
Првиот меч во кој ќе води тим против сопствената земја не го импресионира многу Раул, иако признава дека чувството по малку е чудно.
„Црвено и жолто – боите на Шпанија и на Македонија се исти, па се чувствувам како дома“, се пошегува Раул.
Македонските репрезентативци Кирил Лазаров и Дејан Манасков, пак, не се шегуваат кога го истакнуваат неговиот придонес за првиот пласман на Македонија во втор круг како победник на група во првиот.
„За мене секој тренер е важен. Раул Гонзалес е еден од најдобрите тренери во светот. Го почитуваме секој тренер, но можеби Раул повеќе“, вели капитенот Лазаров.
„Нашиот селектор е извонреден, тој е мајстор на ракометот. Треба да сме најсреќните ракометари на светот, бидејќи тој е еден од најдобрите ракометни тренери во моментов. Тој е чудесен, донесе позитивна енергија откако триумфира со Вардар. Добар мотиватор е и донесе многу позитивни вибрации во тимот“, додава Манасков.
Раул, пак, не лета во облаци по одличниот настап во првата фаза и не с ерасфрла со бомбастични изјави пред втората. Напротив.
„Во тешка ситуација сме. Од една страна, бевме први по прелиминарната рунда, што беше изненадување. Од друга, очекувањата се толку големи, а нè очекуваат и противници од светска класа, како што се Шпанија и Данска. Со ваков став и со вистински борбен дух, можеби иамем шанса“, смета популарниот „Ел Команданте“.





