Училниците се празнат, децата – заедно со цели семејства си одат земјава, сликата во земјава станува загрижувачка. Масовното иселување на населението доведува до вишок на наставници – стручен кадар. Преку посебна нова стратегија, надлежноте велат дека освен што ќе биде искористен целокупниот фонд на наставници за учениците да се стекнуваат со повеќе општествено корисни знаења, ќе се потполни и недостатокот на човечки капацитети во останати образовни институции.
- Кога ќе направиме нормални паралелки, не паралелки од по 10 или 15 ученици, туку кога ќе ги сведеме на 20 ученици, наставникот што е вишок ќе продолжи да работи во втората половина на денот според програмата на училиштата, која опфаќа многу додатни предмети, изборни предмети, воннаставни активности, работа со деца кои имаат потешкотии во учење, работа со талентирани деца, дополнителна настава, додатна настава, општествено корисни работи, вели Весна Јаневска, министерката за образование и наука.

Претставничката на УНИЦЕФ во земјава Лесли Милер изјави дека ќе дискутуираат за важни реформи во образовниот систем за да се подобрат резултатите од наставата.
- „Како што знаеме, земјата се соочува со криза во учењето. Според последните ПИСА-оценувања, знаеме дека над две третини од учениците имаат лоши резултати во читање, математика и науки. За ова има многу причини кои ќе ги разговараме денес. Еден од клучните фактори е недоволното време поминато во учење. Македонските ученици имаат околу 900 часови помалку време поминато во учење од просекот. И покрај значајните демографски промени во државата, образовниот систем не го има целосно приспособено начинот на кој ги организира ресурсите. На пример училишната инфраструктура, наставниот кадар и финансирње на училиштата“, изјави Милер.
Според неа, има многу можности за подобрување на состојбата со подобро користење на постојните ресурси низ земјата и во рамки на општините. – Со заедничко работење можеме да обезбедиме секое дете, без разлика каде живее, во урбана или рурална средина, да има исти можности за квалитетно образование, нагласи Милер.

Извршниот директор на ЗМАИ Виктор Митевски изјави дека се соочуваме со демографски и со инфраструктурни предизвици и со тоа, како што рече, дека градиме образование кое не е целосно фокусирано и водено од желбите на децата.
- „Реформите за кои зборуваат ресорната министерка и претставничката на УНИЦЕФ се клуч да го направиме првиот чекор за да добиеме образование каде децата ќе бидат во фокусот и децата ќе бидат крајните корисници на реформата“, изјави Митевски.
Тој образложи дека оптимизацијата како процес не значи само рационализација и нагласи дека во одредени простори нас ни требаат дополнителни училишта, дополнителни ресурси, проширување на капацитетите и постигнување на стандардот за едносменско образование, кои, како што рече, ќе придонесат да ги подобриме условите и секое дете, независно од местото на живеење, да има еднакви услови за учење и развој во нивниот образовен процес.
Од МОН најавија дека преку проектот „Оптимизација на училиштата“ ќе се заложат во училиштата каде има десетина ученици да се припојат во централните училишта. Целта како што нагласија од министерството е учениците да се социјализираат и да се сместат во подобри услови, но и да се намалат трошоците за одржување на училишта кои немаат ефект врз образованието.





