Усвоен предлогот за прием на Косово во Советот на Европа со 131 глас „за“, 29 „против“ и 11 воздржани. Ниту еден од амандманите предложени од Србија не беше усвоен.
Мнозинството пратеници на Парламентарното собрание на Советот на Европа на пленарната седница во Стразбур на 16 април го поддржа членството на Косово во оваа организација посветена на човековите права и развојот на демократијата.
По веста дека Парламентарното собрание го усвои предлогот за прием на Косово во Советот на Европа, со реакција се огласи српскиот вицепремиер и министер за надворешни работи Ивица Дачиќ кој изјави дека „денеска е ден на срамот во Парламентарното собрание на СЕ, бидејќи за прв пат во историјата препорачано е членството на нешто што не е држава, кое не ги исполнуваат основните услови во доменот на човековите права и слободи“, јави дописникот на МИА од Белград.
-Денес е ден на срамот во Парламентарното собрание на Советот на Европа. За прв пат во историјата се препорачува членство на нешто што не е држава, кое не ги исполнува основните услови во доменот на човековите права и слободи. Напротив, веќе 11 години одбива да формира Заедница на српски општини, што е нивна меѓународна обврска и спроведува политика на терор врз српскиот народ и етничко чистење, се наведува во изјавата на Дачиќ што ја соопшти неговиот кабинет.
Одличен ден за Косово по гласањето на Парламентарното собрание на Советот на Европа да ја прифати нашата апликација за членство во Советот на Европа, објави на социјалната мрежа косовскиот премиер Албин Курти.
-Ова е официјална поддршка за успехот на нашата земја кога се во прашање човековите права, демократијата и владеењето на правото и уште еден чекор поблиску до полноправно членство во Советот на Европа, рече Курти.





