Урошевиќ: Матеја Матевски е еден од најголемите поети на македонскиот јазик, кој застана спроти мракот со својата визионерска светлина

„Академик Матеја Матевски е еден од најголемите поети, кои македонскиот јазик ги има создадено во полетниот развој во слободната татковина. Матевски е поет, што направи огромен исчекор во осовременувањето на македонскиот поетски јазик, во изострувањето на неговиот сензибилитет, во откривањето на неговите скриени можности. Матеја Матевски е поет, кој во македонската поезија ги напиша првите стихови, што звучат навистина модерно, и чија модерност не изгубила и денес ништо од својата длабочина и свежина. Тој даде дела од кои некои претставуваат врвови во македонската поезија, и кои денес стануваат сѐ повидливи.“ – има кажано академик Влада Урошевиќ во својата статија „Простување со поетот“, која претставува негова реч на комеморативниот собир, одржан во Македонската академија на науки и уметности во 2018 година по повод смртта на Матеја Матевски. (Истанбул, Турција, 13 март 1929 – 6 јуни 2018, Скопје, Македонија), македонскиот поет, литературен и театарски критичар, есеист, преведувач.



Во статијата, покрај другото натаму Урошевиќ изнесува: Појавата на триптихот „Дождови“ на Матевски, во еден број на списанието „Млада литература“ во пролетта 1955 година, беше еден исклучителен миг на македонската литература: со секавичен блесок на откровение се појави еден поет од прв ред, чии стихови носеа во себе визионерска светлина и изненадувачка силина, и тоа беше датум, кој останува запишан со црвени букви во календарот на македонската поезија. Истоимената збирка, објавена следната година, ги потврди овие веќе широко прифатени најави и Матеја Матевски стана една од централните фигури на тоа време на растежи и триумфални походи на македонската поезија низ светот.

Името на нашиот поет набргу стана познато во културните центри на југословенската федерација, а потоа ги мина границите и почна сѐ почесто да се повторува во поетските кругови на Европа и светот. Отпрво позабавено, оставајќи понекогаш и десетина години меѓу две книги, збирките на Матевски пристигнуваа смирено од поетовата лабораторија. Но од 1990 година го забрзаа ритмот на појавување. Од „Копнеж по целина“, излезена во 2005 година, поетот ќе почне да ги објавува своите книги во една трескавична низа, секоја година по една, како да брза да ги искаже сите темни виденија, што беа натрупани во неговата вжештена имагинација.

Последната од нив, „Темни деноноќија“, ни пристигна во 2017 година: дваесет и четвртата поетска збирка на Матеја Матевски, која ја носеше и на кориците и во содржината својата нагласена темнина. Пред нас се заокружуваше еден впечатлив поетски опус, се збогатуваше во теми, се обновуваше низ сѐ пошироките кругови, се потврдуваше со навраќања кон веќе допреното, се продлабочуваше преку сѐ пореско кажаните вистини, се кристализираше низ сѐ почесто обработуваните мотиви. Критиката не успеваше да го следи поетот на тој негов забрзан пат: таа огромна планина од стихови допрва го очекува својот откривач и толкувач.

Поезијата на Матевски е поезија на изразито трагична визија на светот. Отпрво искажана низ една благо нагласена носталгија по загубеното детство, како по еден вид загубен рај, таа трагична нота ќе се засилува низ сѐ поприсутните теми на судирот меѓу сонот и суровата реалност, доброто и злото, светлината и темнината. Како и еден друг наш голем поет, Блаже Конески, и Матеја Матевски е творец кој со отворени очи застанува спроти мракот, без друго оружје освен, како што би рекол Бодлер, „свест што опстојува среде злото“. Тој даде дела од кои некои претставуваат врвови во македонската поезија, и кои денес стануваат сѐ повидливи.

За своето творештво Матевски доби многубројни признанија. Од националните награди треба да се споменат: „11 Октомври“, Наградата на Друштвото на писателите за 1956 година, „Браќа Миладиновци“ на Струшките вечери на поезијата (двапати), „Кочо Рацин“, „Книга на годината“ на Македонската книжевна фондација, „Книжевно жезло“, „Климент Охридски“, „Македонско слово“, „Гоцева повелба“. За препев на поезија е добитник на наградите „Григор Прличев“ и „Кирил Пејчиновиќ“. Круна на неговиот поетски подем е Златниот венец на Струшките вечери на поезијата (2011).

Во странство Матевски беше препознат како вистинска поетска големина. Таму тој ги има добиено високите книжевни награди: „Горанов вијенац“, во Луковдол, Хрватска; „Блез Сандрар“ во Ивердон, Швајцарија; „Премио медитеранео“, во Палермо, Италија; „Фернандо Риело“, светска награда за мистична поезија во Мадрид, Шпанија; „Жупанчичева листина“ на Друштвото на писателите и на ПЕН-центарот на Словенија; Балканска награда за поезија „Ерегуван“ во Чаталџа, Истанбул, Турција; „Атлантида“ во Лас Палмас, Шпанија; наградата „Триесте поезија“ во Трст, Италија; „Златен клуч на Смедерево“, Србија; наградата на Академијата „Мајкл Мадхусудан“ во Калкута, Индија.

Матеја Матевски е, секако, најпреведуваниот наш поет во странство. Повеќе од четириесет негови одделни книги се преведени на повеќе од дваесет јазици – англиски, француски, италијански, шпански, албански, шведски, норвешки дански, полски, чешки, словачки, унгарски, романски, српски, словенечки, бугарски, грчки, турски, влашки, хинду и јапонски. Значаен дел од својата енергија, време и јазична инвенција Матевски ги има, не штедејќи, раздадено на поетите од другите јазици, преведувајќи ги на македонски.

Макар што преведуваше од повеќе јазици, тука мора да бидат споменати неговите ингениозни препеви од шпанската поезија, кои зрачат со топлина и љубов, што ги имаше нашиот поет уште од младоста кон шпанската литература и култура. По својата длабока проникнатост во значењата, по својата звучност блиска до оригиналот, по својата извонредна доближеност до едно наше, македонско сфаќање за поетичноста, тие преводи се вистинска скапоценост во ризницата на македонската јазична култура.