Банката во првите три месеци го држи своето пазарно учество во силната конкуренција на средни банки. Расте благо кредитирањето и нивото на депозити, а клучата разлика со зголемената добивка е резултат на снижената вредност на резервациите во споредба со истиот период лани
УНИБанка има одличен прв квартал годинава во кој благодарение на намалените резервции успеала да ја зголеми добивката за 69 отсто, потврдуваат податоците од неревидираниот Биланс на успех достапен на веб страницата на Македонската берза.
Податоците што ги објави оваа банка покажуваат дека во услови кога приходите, генерално, се приближно идентични на ланските, банката успеала значајно да ја зголеми својата добивка. И тоа на на начин што се преполовени средствата резервирани за ризични кредити. Тоа придонело банката за првиот квартал да прокнижи добивка од 2,35 милиони евра што е за еден милион евра односно за 69 отсто подобар резултат од првиот квартал претходната година.
Нето приходите од камати за првите три месеци годинава изнесуваат 4,88 милиони евра и се на приближно исто ниво како и лани. Кај нето приходите од провизии и надоместоци има благо намалување и тие за првите три месеци изнесуваат 0,94 милиони евра.
Значаен раст банката има кај останатите приходи. Тие за трите месеци достигнале 0,64 милиони евра и се за 2,2 пати повисоки во споредба со истиот период претходната година. Од нето курсни разлики банката инкасирала 0,2 милиони евра.
За резервации во првиот квартал банката издвоила 1,13 милиони евра што е на половина од износот за оваа ставка годинава. И тука се прави клучната разлика во добивката за годинава во споредба со лани.
Од билансот на состојба е видно дека банката ја држи солидно својата пазарна позиција во сегментот на банки од средна големина каде е и најголема конкуренцијата на македонскиот банкарски пазар. Имено, нивото на кредити на крај на март годинава е 313 милиони евра и има благо зголемување во споредбра со крајот на 2024 година. Овој тренд важи и за вложувањата во државни хартии од вредност во кои се вложени над 50 милиони евра. Истата тенденција е присутна и кај депозитите кои се на ниво од 350,7 милиони евра.
Извор:Фактор.мк






