Со победата над Катар од 29:23 во Вараждин, Унгарија го зачува второто место во групата 2 од главната фаза што води во четвртфиналето на 29. Светско првенство за ракометари, со што ја остави Македонија и без теоретски шанси за историски пробив меѓу осумте најдобри со евентуална победа над Франција вечерва од 20:30 часот.
Максимумот за избраниците на селекторот Кирил Лазаров сега е третото место во групата, за што пак им треба победа над „триколорите“, кои веќе се во елиминациите.
„Резервниот“ влог за „црвено-жолтите“ е да не загубат со повеќе од девет гола разлика, за да останат четврти, пред Австрија, со што би завршиле меѓу 13 и 16 место во конечниот поредок.
Катарците, со омилениот ракометен лик во Македонија, Веселин Вујовиќ, на клупата, издржаа само едно полувреме, првото, по кое со 12:12 заминаа на паузата.
Табела: Франција 8 (-1), Унгарија 7, Холандија 5, Македонија 4 (-1), Австрија 4 и Катар 0.






