Шест члена на Владата на Украина ги напуштија своите функции во масовниот бран на „проветрување“ на кабинетот на премиерот Денис Шмигал.
Оставки поднесоа министерот за надворешни работи Дмитро Кулеба, вицепремиерките за европска и евроатлантска интеграција Олга Стефанишин и за реинтеграција на неконтролираните територии на Украина, Ирина Верешчук, како и министрите за правда Денис Малјуска, за стратешки индустрии Александар Камишин и за заштита на природата и за национални ресурси Руслан Стрелец.
Се повлече и шефот на Фондот за имоти во државна сопственост, Виталиј Ковал, а позицијата ја загуби и Ростислав Шурма, заменик-шеф на Кабинетот на претседателот Владимир Зеленски.
Зеленски изјави дека реконструкцијата е дел од обидот да се „даде нова сила“ на украинската институција, но даде малку детали за тоа зошто, конкретно, тој побарал оставки од Кулеба и половина дузина други високи членови на кабинетот.
Во Киев со месеци се вртеа гласини за можното заминување на Кулеба, дипломат од кариера, чија комуникација со западните сојузници на Украина често се сметаше за премногу независна за да му се допадне на Зеленски.






