Повеќе од 300 телевизиски канали ширум планетата ќе реализираат пренос од Суперкупот на УЕФА кој во вторник се игра во Скопје меѓу Реал Мадрид и Манчестер Јунајтед. Со тоа натпреварот на „Телеком арената“ ќе биде еден од најгледаните спортски настани во светот за 2017 година, што без сомнение претставува огромна промоција за Македонија во светски рамки.
Проценката вели дека се очекува мечот на светските гиганти да биде следен преку ТВ екраните од повеќе од 500 милиони љубители на фудбалот и дека тоа всушност, треба да биде и втор најгледан спортски настан во последниве години по ЛОИ кои минатата година се одржаа во Бразил.
Најчесто гледаноста на најголемите фудбалски клупски настани се движи меѓу 200 и 300 милиони гледачи, но проценката е дека овој пат УЕФА Суперкупот од Скопје ќе има далеку поголема гледаност поради атрактивноста на двата тима, но и поради фактот дека е прв официјален натпревар од ваков тип и класа во овој дел од Европа.
УЕФА претходно објави дека пренос од соочувањето на Реал Мадрид и Манчестер Јунајтед ќе има во 228 земји во светот, на повеќе од 300 ТВ канали.





