Според фотографиите поставени на неговиот профил на „Фејсбук“, Исмет Арифи викан Кока, кој синоќа беше убиен во Чаир, се чини дека бил активист на Социјалдемократски сојуз и учествувал во кампањата за локалните избори.
Арифи бил застрелан од автоматско оружје синоќа околу 22:30 часот на улицата „Лазо Трповски“, а со тешки прострелни рани е хоспитализиран Кемал Лусјани, кој се бори за својот живот. Првиот е од селото Блаце, вториот од Чаир, а двајцата биле во автомобилот „пасат“ на Арифи кога било пукано врз нив.
Мотивот за убиството не е познат, а Министерството за внатрешни работи трага по убиецот.
„Се колнам дека ќе се борам за ослободување на албанските земји и за нивно обединување. Не ми е важно ако загинам со пушка во битка, важно ми е некој од другарите да ја земе мојата пушка и да ја продолжи борбата за обединување со албанските борци“, пишува во рубриката „омилени мисли“ на страницата на Арифи на „Фејсбук“.





