Тунелот кај Ѓуешево огледало на македонско-бугарските односи

Состојбата на тунелот кај Ѓуешево, низ кој Македонија и Бугарија треба да се спојат со железничка линија, ги отсликува досегашните односи меѓу двете земји, сугерира прилогот на Бугарска национална телевизија (БНТ).
„Општо земено, тој проект за железничка линија во голема мера покажува какви се бугарско-македонските односи“, констатира историчарот Ангел Џонев во прилогот емитуван вчера како дел од серијата репортажи за дамнешната идеја за поврзување на Скопје и Софија со директна железничка врска.
Ни 14 години по обиколката на теренот од претседателите Борис Трајковски од Македонија, Георги Прванов од Бугарија и Алфред Мојсиу од Албанија, не само што е далеку од реализација железничкиот дел од коридорот 8 од Јадранско Море до Црно Море, туку не е пробиен ни тунелот кај Ѓуешево на македонско-бугарската граница.
Тунелот е замислен уште во 19 век, но изградбата ќе почне дури во 1942 година за време на „бугарската администрација во Вардарска Македонија и во Беломорието“, како што велат Бугарите. Објектот го градело мешовито бугарско-германско претпријатие и од бугарска страна е пробиена и уредена една четвртина од вкупната должина на тунелот од околу 2,5 километри. За последен пат звуците на техниката се слушаат во 1947-48 година, кога тунелот бил завршен во оваа форма. Работата ќе запре со заладувањето на односите меѓу Софија и Белград поради македонското прашање.