На денешен ден, на 11 ноември 2021 година во Благоевград, во Бугарија, почина Георги Христов, познат и како Јан Пирински. Во статијата под наслов „Симболот на непокорот на македонскиот национален дух во Бугарија“, објавена на 17.5.2024 година, весникот „Нова Македонија“ истакнува: Тој останува запаметен во македонската национална мисла како личност, што своето целосно битисување го посвети на унапредување на човековите и малцинските права на припадниците на македонскиот народ во Бугарија.
Георги Христов потекнува од семејство со изразена македонска национална свест. Поради активностите за правата на македонскиот народ, како и поради пропагирањето македонска национална свест кај македонскиот народ во бугарското општество, Георги Христов бил проследуван од бугарските безбедносни служби. Поради неуморната борба за македонските човекови и малцинските права, тој стана симбол на издржливоста на македонскиот национален дух во Бугарија.
Георги Христов е роден е на 17 мај 1931 година, во селото Јаново, Сандански (порано Свети Врач), во пиринскиот крај на Македонија. Во 1992 година Георги Христов од својот брат Александар Христов ја презема улогата на главен и одговорен уредник на весникот „Народна волја“. Своите текстови ги потпишува со псевдонимот Јан Пирински, а за основната идеја на весникот „Народна волја“ велеше дека ја кажува вистината за Македонија, за македонската историја, како и оти весникот ги разобличува бугарските обиди за фалсификување на македонската историја.
На 15 декември 1994 година, Георги Христов во весникот „Народна волја“ напиша: „Како Македонци морално сме должни да им зададеме дробен удар на сите кои страдаат од апсурдните амбиции на великошовинистичката хегемонија! Но, тоа мора да се направи со моќта на вистината, знаењето и доказот!“
Христов ги разоткриваше и оперативните дејства на бугарските служби и нивните методи за оневозможување на весникот „Народна волја“. Според него, на сите киосци од страна на бугарските служби им било наложувано да ги примат сите примероци на „Народна волја“, меѓутоа да не ги изложуваат, а на купувачите да им посочат дека сите броеви на споменатиот весник се продадени.
Еден од најобемните трудови, што ги има потпишано со псевдонимот Јан Пирински, е делото „Гневот на правдата“, во кое во кое хронолошки се опишани многу настани поврзани со борбата на Македонците во Бугарија за своите основни човекови права. За овој труд дипломатот поранешен амбасадор Ристо Никовски вели дека е „илустрација и доказ за малтретирањата на кои биле изложени Македонците во Бугарија“.
„Единствена цел на Георги Христов беше да докаже дека Македонците се реалност, без оглед дали некој ги прифаќа како такви, или не. Улогата што весникот ‘Народна волја’ ја игра во Бугарија е историска. Такви се и текстовите на Георги Христов, алијас Јан Пирински, кои, преку неговата книга, ќе станат културно наследство на сите Македонци, каде и да се тие. Христов е дел од темелите на македонизмот во Бугарија, кој сѐ повеќе се губи.“ – нагласува Никовски.
Од 2012 до 2021 година Христов беше сопретседател на ОМО „Илинден“ – Пирин, а во јуни 2021 беше избран како почесен претседател на оваа македонска партија. Почина на 11 ноември 2021 во Благоевград. Со неговата смрт припадниците на македонскиот народ во бугарското општество изгубија лидер, кој трајно ќе остане во македонската национална меморија.





