По најавата за засилени контроли во маркетите, трговците ги зауздаа цените на производите, пренесува ТВ Алфа. Иако мерката за замрзнуање на маржите истече пред три дена, граѓаните забележуваат дека ценовниците во маркетите остануваат непроменети. Оние кои денеска биле на пазарење, не забележале поскапувања на прехранбените и непрехранбените производи па според нив мерката на Владата дала добар резултат, барем колку толку цените да останат непроменети за првомајските празници. Тие го пофалија и онлајн објавувањето на цените во маркетите.
По завршувањето на мерката за ограничување на маржите, од Владата најавија интензивни контроли. Инспекторите ги чешлаат маркетите во обиди да откријат манипулација на пазарот од страна на трговците. Од ДПИ за Алфа велат дека ќе се прави мониторинг на целосната линија на прозиводите од влез до рафт.
“ДПИ ќе прави целосен оперативен план во текот на месец мај, и ќе се вршат засилени контроли кај трговците ,дистрибутерите и производителите…ќе се анализираат влезните фактури во маркетите односно, како производите влегуваат во Македонија, па се до нивно пуштање во продажба” велат од ДПИ.
На 30-ти април заврши владината мерка за ограничување на бруто-профитните маржи на основните производи, што беше во сила од 20 февруари. Со ова, трговците повторно имаат слобода да ги одредуваат цените на повеќе од 1.000 производи.Со мерката опфатени беа 102 групи производи, со ограничување на маржите од 5 до 15%.
Извор: https://alfa.mk/trgovczite-se-vozdrzhaa-od-poskapuvana-inspekcziite-najavuvaat-zasileni-kontroli/






