Забелешките на владата до трговците за зголемување на цените на некои прехранбени производи се чини дека вродија со плод. Министерот за економија Бесар Дурмиши, рече дека на полиците на одредени маркети веќе има намалувања, а новогодишната кошница е збогатена со 50 дополнителни производи.
Паралелно, цените на најосновните прехранбени производи се стабилизираа. По апелот на Владата да ја почитуваат сопствената одлука да продаваат поевтино во рамки на Новогодишната кошница, тие додадоа уште 50 тина производи на листата. Цените на останатите производи кои се зголемија и до 25% за десетина дена, полека почнаа да се намалуваат.

10 јајца во еден скопски маркет чинат 80 денари, а табла од 30 јајца 200 денари. Брашното се продава од 34 до 39 денари за килограм, а најевтиниот леб и за 27 денари. Намалени се цените на месото од домашно потекло. Па така, цената на килограм свинска кременадла, свински пафлак или ребро е 360 денари, мелено месо се продава за 320 денари, а свинска плешка без коска чини 380 денари. Маслото за јадење кое најмногу поскапе и достигна 97 денари пред неколку дена, сега се продава од 84 до 88 денари, анализира Алфа. Од млечните производи, еден литар јогурт е 60-тина денари, исто толку чини и млекото, а еден производител го продава и за 50 денари. Килограм сирење се наоѓа и за 240 денари, кашкавал за 390 денари, а урда за 155 денари. 200 грама кафе чини 125 денари, килограм бисквити 170 денари, а пакет од 4 литри газиран сок е нешто над 150 денари.
Граѓаните кои ги регистрираше камерата на Алфа кои купуваа за дочекот на Новата Година, велат дека цените се стабилизирале, но на некои се уште им е скапо за да можат да си дозволат да купат се што ќе посакаат.

Министерот за економија и труд Бесар Дурмиши и премиерот отворено го изразија незадоволството од дел од трговците кои ги зголемија цените на другите производи кои не влегуваат на листата на новогодишната кошничка. Тие рекоа дека нема да дозволат раст на цените на најосновните производи за време на празниците. Ги предупредија трговците дека ако повторно станат алчни и ги подигнат цените нагоре, веднаш ќе реагираат и ќе ја активираат мерката замрзнување на цени.
Новогодишната кошничка овојпат ја донесоа самите трговци, а не со одлука на влада. И покрај тоа што во земјава функционира Законот за нефер трговски практики, предвидено е казните да следат по први јануари, со што треба да се стави ред во трговијата на големо и мало.





