Транспарент „Косово е Албанија“ и знаме на УЧК на мечот Украина – Албанија од Лигата на нациите во Прага

Огромен транспарент со пораката „Косово е Албанија“ на англиски јазик и знаме на УЧК осамнаа на трибината со албански навивачи на вечерашниот натпревар од Лигата на нациите меѓу Украина и Албанија во Прага.



Меѓу знамињата до транспарентот со политичка содржина, поради кој УЕФА одново значително ќе ја олесни касата на Албанскиот фудбалски сојуз, еден од најказнуваните за слични испади на навивачите на неодамнешното Европско првенство во Германија, може да се забележи и знаме на Албанија со натписот „Гостивар“ на албански.

Фудбалската репрезентација на Албанија ја совлада Украина со 2:1 со пресврт, а голот за победа го постигна некогашниот младински репрезентатиивец на Македонија, Јасир Асани, роден пред 29 години во Скопје.