Тајната служба на САД ќе користи стакло отпорно на куршуми за да го заштити поранешниот претседател Доналд Трамп за време на настани на отворено во кампањата.



Според американските медиуми, вакво ниво на безбедност обично се користи за актуелните претседатели и потпретседатели, агенцијата одлучила да ги зголеми мерките на настаните на Трамп, откако пред неколку недели вооружен маж пукал во него и му го повредил левото уво.

Во тој обид за атентат загина еден учесник на митингот, а други беа повредени.

Стаклените панели отпорни на куршуми, според NBC News, ќе бидат стационирани во различни области низ земјата за да бидат лесно достапни за настаните на Трамп пред ноемвриските избори.

Официјалните лица планираат панелите да го покриваат Трамп од три страни, изјавија извори за ABC News, која прв го објави ажурираниот безбедносен план.

Висок функционер го опиша целокупниот напор за CNN како „значаен потфат кога станува збор за логистика“.

Стакло отпорно на куршуми не е единствената мерка што се презема за заштита на поранешниот претседател, бидејќи Тајната служба исто така планира да распореди повеќе персонал и да користи технологија за ублажување на безбедносните закани.

Трамп не се појави на иту еден собир на отворено од обидот за атентат, но изрази желба да продолжи со ваквите настани и да одржи уште еден митинг во Батлер, изјавија неговите помошници за The Washington Post.

„Сакаме да ги одвратиме луѓето дури и да не помислат да направат нешто вакво повторно“, рече на почетокот на овој месец в.д Директорот на тајната служба Роналд Роу.