Ова го изјави асмериканскиот претседател Доналд Трамп денеска, за време на седницата на американската влада.
Одговарајќи на новинарски прашања за руската агресија и пристапувањето на Украина во НАТО, Трамп рече дека дискусијата за влез во Алијансата веројатно е причината поради која започна целата работа, веројатно мислејќи на војната во Украина.
И Русија, од своја страна тврди дека војната започнала затоа што Украина сака да влезе во НАТО.
Украина, која веќе три години се брани од целосна руска инвазија со поддршка на Западот, долго време се обидува да се приклучи на НАТО.
Русија постојано тврди дека НАТО ја загрозува нејзината безбедност и ја оправда својата инвазија на соседната земја со спречување на Украина да се приклучи на алијансата.
На состанокот на украинската Контакт група за одбрана во Брисел пред две недели, американскиот секретар за одбрана Пит Хегсет рече дека администрацијата на Трамп не верува дека членството на Украина во НАТО е реален исход од договорениот крај на војната.
Минатата година алијансата ја уверуваше Украина дека е на „неповратен пат“ кон членство, се вели во завршниот документ од самитот на НАТО во Вашингтон во јули.
Инаку, денеска во Истанбул руска делегација пристигна на преговори со американски претставници.
Ова е втора средба во живо меѓу американски и руски официјални лица откако рускиот претседател Владимир Путин нареди сеопфатна инвазија на Украина пред три години. Првата се одржа неодамна во Ријад без учество на претставници на Украина и ЕУ, што предизвика гласни критики од тие две страни.
Како што јавува Би-Би-Си, целта на средбата во Истанбул е да се решат несогласувањата околу работата на нивните амбасади во Вашингтон и Москва. Состанокот доаѓа откако турскиот министер за надворешни работи Хакан Фидан рече дека Турција ќе одигра „важна улога“ во завршувањето на војната во Украина.






