Трамп воведе царини за острови каде живеат само пингвини

 

Американскиот претседател Доналд Трамп воведе царини од 10% на островот Херд и на островите Мекдоналд.



Тоа е австралиска надворешна територија лоцирана во јужниот дел на Индискиот Океан, на околу две третини од патот од Мадагаскар до Антарктикот.

Островите се едно од најоддалечените места на земјата и немаат постојани жители, но тие се дом на голем број пингвини, фоки и морски птици.

Иако овој потег на прв поглед изгледа апсурден, наметнувањето царини на ненаселена територија не е нужно бесмислено од правен, политички или економски аспект.

Иако островите немаат жители, тие се управувани од Австралија, а самата територија има ексклузивна економска зона (ЕЕЗ).

Дополнително, регионите без царински бариери можат да станат упориште за офшор производство во иднина.

Една компанија може да регистрира складиште и од таму „технички“ да извезува стока за да избегне царина од Австралија или Азија.

Островот Херд бил откриен во 1853 година од страна на Џ. Херд, додека во истата година В. Мекдоналд открил три острови и архипелаг.

Обединетото Кралство ги презеде островите во 1908 година, а на 26 декември 1947 година, власта беше префрлена на Австралија.

Научно-истражувачка станица работеше на островот Херд за краток период во 1970 година, што беше прв пат човечка експедиција да стапне на овој остров по 1880 година, кога таму престојуваа американски ловци на фоки.