Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски оствари работна средба со меѓуресорската работна група, составена од членови на Министерството за внатрешни работи и Министерството за правда и професори од Правниот факултет во Скопје, која работеше на измените на Законот за безбедноста на сообраќајот на патиштата и Законот за прекршоци.
„Овие измени се неопходни за целосна имплементација и ставање во функција на електронскиот систем за откривање на сообраќајни прекршоци, познат како „Безбеден град.
Нашата визија е, следејќи ги европските стандарди, да спроведеме целосна дигитализација на овој процес, со цел да го исклучиме човечкиот фактор што би овозможил избегнување на плаќање на казната.
Системот автоматски ќе ги открива, евидентира и процесуира прекршувањата, обезбедувајќи поголема ефикасност и ефективност“, потенцира Тошковски.
Како што соопшти МВР, министерот истакнал дека ставањето во функција на овој систем е еден од приоритетите на новата Влада, со единствена цел да се подобри безбедноста на патиштата и да се намали бројот на жртви.





