Тошковски: Им објавуваме војна на криминалците, на кои претходната власт им дозволи да дивеат во Скопје!

Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски најави дека од денеска МВР започнува посебна оперативна акција насочена кон безбедноста на Градот Скопје, а предвидува зголемено присуство на полицијата на терен. Како што им порача Тошковски на граѓаните во „Тема на денот” во дневникот на ТВ Сител, со ова МВР сака да биде безбедносната состојба каква што треба да биде.



„Од денеска официјално им објавуваме војна на багабонтите и криминалците, на кои претходната власта им дозволи толку многу да дивеат во Скопје, но и на целата територија на Македонија, исто така и затоа што мислат дека ќе го прават истото и сега.“ – нагласи  министерот Тошковски, откако беше прашан како се случило 200 затвореници да избегаат од двата затвора „Шутка“ и „Идризово“ во Скопје во 2023 година и дали можат граѓаните во Скопје да се чувствуваат безбедни.

Тој оцени дека државата е во катастрофална состојба, а системот, рече, е уништен. „Нема повеќе привилигирани. Ќе одговара поред законот секој, што се огрешил и се посрамотил пред својот народ, а притоа злоупотребил овластување, особено ако станува збор за полициски службеници, државни функционери итн.“ – беше категоричен министерот за внатрешни работи Тошковски.

Запрашан за бегството на косовскиот државјанин Блерим Рамадани, баран од Интерпол за сторено кривично дело во Србија, Тошковски одговори дека нему му бил изречен ефективен притвор, а после тоа првпат во историјата на Македонија, како што рече, на странец за екстрадициска постапка му се одредува куќен притвор. Toj го повика Јавното обвинителство да постапи максимално брзо и ефикасно согласно со сите потребни процесни дејства, што треба да се преземат, за да се расветли овој случај.

Тошковски информира дека МВР ги има обезбедено сите потребни докази врз основа на кои ќе може да се утврди вистината и оти нив согласно со процесните дејства ќе ги достави до надлежен јавен обвинител.

Што се однесува до најавата за тоа што ќе следува од есен за истраги од страна на МВР, Тошковски одговори дека истраги има и ќе има, но, подвлече, прашањето е колку професионално ќе се сработат и кој ќе биде ефектот од нив. „Не не се сеќавам во изминатите 20 – тина години во историјата на Македонија да одговарал врховен судија. Не се сеќавам да одговарал член на Совет на јавни обвинители и притоа да признаат дека се товареле со пари на сметка на македонските граѓани во изминатиот перио, злоупотребувајќи ја сета доверба, што им била дадена институционално.“ – изјави меѓу другото министерот за внатрешни работи Тошковски.

Тој најави дека МВР ќе продолжи со докази и факти, како и со конкретни дејства да работи во интерес на граѓаните. Во врска со убиството во близина на трговскиот центар Мавровка во Скопје министерот Тошковски појасни дека се реагирало максимално ефикасно и брзо, не повеќе од два часа, кога е идентификуван, лоциран и фатен сторителот на убиството, кој пукал врз полициските службеници во моментот на неговото лишување од слобода. Согласно со доказите, кои МВР ги има во рамки на постапките, тој бил во придружба на друго лице, кое е осомничено и за кое ќе се преземат соодветни процесни дејства.

„МВР ги објави иницијалите за оној, за кој бевме сигурни дека постојат основани сомненија, оти го сторил делото. Но, не беа објавени иницијалите за второто лице, за кое утврдивме дека не е поврзано со настанот и тоа беше ослободено.“ – рече Тошковски, дополнувајќи дека мора да се почитува принципот на презумпција на невиност.