Не е утврдена кривично правна одговорност на претседателот на Собранието, Африм Гаши, во врска со инцидентот на скопскиот аеродром со косовската претседателка Вјоса Османи каде што собрамискиот спикер го испрати своето лично обезбедување, изјави министерот за внатрешни работи Панче Тошковски, во синоќешното гостување на Канал 5.



Единствена кривична одговорност согласно доказите има полицискиот службеник, дел од обезбедувањето на спикерот Гаши, рече министерот кој го оцени однесување на полицискиот службеник како недозволиво.

Во врска со овој случај полицијата поднесе кривична пријава против С.С., началник на Одделение за лично обезбедување на претседателот на Собранието поради постоење основи на сомневање дека сторил кривично дело „Загрозување на сигурноста“.

Можни 8 години затвор за обезбедувачот на Гаши кој со пиштол сакал да го реши случајот Османи

„Согласно внатрешните правила и процедури на МВР, немал право да го напушти вип објектот кој што го обезбедувал и не е негова одлуката, ниту пак надлежност да смирува, или да разгорува, или да прави што било што не е поврзано со описот на неговите работни задачи. Одговорност во однос на целиот кривично правен настан е на полицискиот службеник“, изјави Тошковски.

Тој информираше дека во рамки на предметниот настан се сослушани повеќе од 15 или 20 луѓе кои биле сведоци и биле разгледани видео материјали.