„Сигурен сум дека голем дел од македонските граѓани се фаќаат во бес за првиот предмет прирака кога ќе ја слушнат веќе ‘славната’ празна фраза ‘Иднината на Западен Балкан е во ЕУ’. Приказните со македонските приклученија кон еу не се од вчера. Траат веќе дваесет години, со истиот ритам и текст како некаков примитивен вергл. А него го врти кој како ќе стигне, од Делор до Проди, од Баросо до Јункер, од Урсула до… Урсула!“ – нагласува општествено-политичкиот аналитичар и историчар на уметноста Златко Теодосиевски во својата колумна со наслов „Долгогодишен перверзен марш на меѓународната сцена“, која ја објави на својот интернет-портал „Теодосиевски: за уметноста“
Покрај другото, натаму Теодосиевски пишува: Навистина е неразбирливо како редици и редици европски „политичари“ најдрско и најбезобразно верглаат со децении едни исти празни фрази за некаков Западен Балкан и неговото место/интеграција во еу. Безмалку вчера испилени на политичката сцена, тие европски „политичари“ се дрзнуваат некому да му го определуваат местото во светот.
За сегашното расположение на македонскиот граѓанин кон еу речито говори и последното истражување за довербата кон оваа „заедница“, спаднато на помалку од 5отсто од некогашните 70 отсто. Таа и таква „доверба“ сигурно доаѓа и поради веќе нескриено безобразните и страотно тврдоглави „политики“ на европската комисија (малите букви се…), сега само преоблечена во нов состав под водство на старо-новата Урсула Лаен.
Ако имаше и европскиот парламент отворено негативни чувства кон комисијата и нејзината „претседателка“ – имајќи го предвид соодносот на гласовите со коишто била избрана (370 гласа „за“, 282 „против“ и 36 „воздржани“) – тогаш зошто баш македонскиот граѓанин би бил посебно одушевен?
А кога сме веќе кај Франција и нејзините „политики“ (особено кон Македонија), таа, преку нејзиниот амбасадор Кристоф Ле Риголер, по којзнае кој пат, ни порачува дека ја поддржува нашата евроинтеграцијата, ама „преземените обврски мора да се почитуваат“ дури и кога „не може да постои апсолутна гаранција за исходот на процесот на интеграција, кој е по својата природа сложен, бидејќи бара согласност од сите држави членки“! Згора на сѐ, нѐ теши дека е „неопходно да бидеме реални“! Кога слушаме вакви лицемерни политикантски изјави дословно секој ден од наводно врвни европски политичари кои одлучуваат и за македонскиот „проблем“ – за малку ќе речев „македонското прашање“, ама тоа било нешто страшнооо! – и нашите вечни евроионтеграции, тогаш јасно е што (не) можете да очекувате.
Поради сето претходно кажано говорам за анимозитетот на споменатите европски политики кон кон „македонското прашање“ – кон сето она што до 1990 година не претставуваше ама баш никаков бауч за регионот, ниту за Европа. Оваа „периферизација“ на европското политичко ниво, ова нејзино сведување на диригирана кукла на светската политичка сцена, како и силната милитаризација и провинцијализација на слободоумниот европски дух, се одраз на нејзиното речиси целосно потпаѓање под американско влијание.
Сепак, ваквото однесување на еу, односно на нејзината морално и политички крајно спорна комисија, не остана без соодветни одговори и внатре во Европа. „Брегзит“ беше еден од резултатите на тоа. Но, оваа провинциска „европска“ постава ќе го држи стариот континент во железна прегратка уште четири години. Но, можат ли да се случат и чуда, па Трамп и Путин да ја растурат оваа политикантска еу-фарса „како дете играчка“?





