„Бугарија ги изгуби политичкиот компас и основниот бон-тон на соработката. Политичкиот неморал го заменува добрососедството, историската алчност просветленоста, а примитивизмот културата. Просто е неверојатно, до апсурд, како една категорија луѓе овде уживаат во бугарскиот скандал, во којшто е понижена не претседателката на државата Гордана Сиљановска-Давкова и другите македонски функционери кои, биле во Софија, туку целата држава Македонија. Уште помалку е понижена политичката партија, чии членови, односно претставници, се спомнатите, туку се понижени сите македонски политички партии.“ – реагира жестоко Златко Теодосиевски, историчар на уметноста и општествено-политички аналитичар во својата колумна со наслов „Бугарскиот скандал со грдо лице“, која ја објави на интернет-страницата „Теодосиевски уметност“.
Покрај другото, натаму Теодосиевски пишува: Понижени се сите македонски партии, а особено онаа провинциска врхушка на сектата, викана сдсм, од кадешто надриполитичарот, кој глуми лекар, дели некакви бесмислени лекции, мислејќи дека не се сеќаваат македонските граѓани, оти ова што им се случува е директен производ токму на таа секта сдс. Крекајќи, целиот тој мочуришен жабји хор заборава дека не е работата во тоа дали другите нѐ почитуваат, туку дали ние се почитуваме себеси и државата, во којашто живееме. Или таа држава е нивна држава само кога со неа владее нивниот башибозук, оние и онакви тезгари и пиперкари, надриполитичари и подопашни интелектуалци, тендер-коалиции и улични криминалци?
Ама другиве не се нивни без оглед што легитимно ја претставуваат (и) нивната држава? Или тие попрво би го вратиле оној, кој се удираше во градите и нѐ лажеше долж и попреку? Сосе неговата балканска тезга за распродажба на земјата? За да потпише уште некој „договор за непријателство“ кадешто ќе ја доисплука и допонижи сопствената држава? Или таа навистина не е баш – негова земја?!
Разноразни бугарски шутраци во својство на некакви претседателски советници цинично ја поистоветуваат посетата на македонската претседателка на договорено гостување на македонска културна институција со некакво пиење кафе. Тоа е уште еден знак на нивото на политичкиот (не)морал и (не)пристојност, што владеат таму. Поразителен факт е тоа што на истата линија со таквиот приод ќе бидат и дел од македонските медиуми, „експерти“ и портали. Уште малку па и овации ќе слушнеме за бугарското скандалозно однесување на највисоко државно ниво!






