Ставрос Теодоракис, лидер на парламентарната грчка партија Потами, предизвика бура од реакции во земјата со својата теза дека Македонија не ѝ припаѓа само на Грција, туку и на „Скопје“ и на Бугарија, кои исто така имаат дел од неа.
„Треба да прифатиме сложено име што го вклучува зборот ‘Македонија’, бидејќи и ‘Скопје’, и Бугарија, и Грција имаат дел од Македонија. Не можеме да се бориме ниту со историјата, ниту со географијата“, рече Теодоракис во петокот за радиото Тема 104.6 ФМ, а неговата изјава веднаш беше дочекана на нож од јавноста и осудена како „антигрчка“.
Откако тргна лавината накај него, новинарот и прв човек на партијата што во превод од грчки значи „Река“, денеска се дообјасни.
„Општеството беше заведено од етнопопулисти. И државата беше поразена. Земјата загуби. Ние мораме да се осмелиме и да кажеме: ‘Ако нашиот сосед го напушти својот иредентизам и е подготвен за сложено име што ќе го вклучува терминот Македонија, но нема да го монополизира, ние исто така сме подготвени’. Нема да стоиме настрана како застапници на политиките на Европска унија во еден невралгичен регион“, кажа Теодоракис во својот говор на денешната организациска конференција на Движење за промени, партија што ќе биде формирана во средината на март и која ќе обедини неколку партии од грчкиот парламент, меѓу кои и Потами.
Партијата на Теодоракис на последните избори во септември 2015 година освои 11 места во парламентот, но во моментов има само шест пратеници. Новата партија со централнолевичарска ориентација, пак, ќе има 25 од вкупно 300 во Парламентот на јужниот сосед, и тоа 18 од ПАСОК, шест од Потами и еден од Демократска левица.





