Најдобрите македонски кошаркари загубија со 96-74 на гостувањето во Бугарија, во последниот тест во пресрет на претквалификациите за СП 2019 на почетокот од август. На домаќинот добро му париравме само во првото полувреме кога и водевме со 43-42, и тоа најмногу по заслуга на првите десет минути кога создадовме 6 позитива. Тоа беше најдобрата наша напаѓачка четвртина во сите 7 контролни средби затоа што успеавме да постигнеме 28 поени.
Но се што најавивме во првиот дел, го упропастивме во продолжението на мечот во Ботев во кој на крајот загубивме со цели 22 поени разлика. Делумна причина за тоа е шансата што селекторот Јорданчо Давитков им ја даде на сите, па и на помалку користените или корисните, што брзо резултираше со негатива од 57-47, на што одговоривме и дојдовме на минус 3, но тоа беше се, па повторно домаќинот се одлепи и во последната делница влезе со 70-62.

Потоа се распаднавме, а Бугарите не пропуштија да не добијат со многу високи 96-74 што никако не е добро пред средбата со Косово во среда на гости. Најдобри поединци кај нас беа Теодор и Јанески со по 14 поени, а двоцифрени беа Чековски и Костовски со по 10 поени.





