Александар, таткото на убиената 14 годишна Вања Ѓорчевска,  денеска пред Апелациониот суд на јавна седница побара да му се укине мерката притвор во Шутка каде се наоѓа од декември.



Тој е осомничен дека помагал при грабнувањето на неговата ќерка. Тој од декември е во притвор во Шутка, но пред Судот изјавил дека не познава никој од осомничените, вели за Телма неговиот адвокат Владимир Туфегџиќ.

Но, вишата обвинителка Фатиме Фетаи, која го застапува обвинителството во оваа фаза пред судот рече дека треба да се одбие жалбата, бидејќи постои опасност од бегство, можност за влијание врз сведоците, а секако и поради мотивот за кое е сторено кривичното дело, изнуда на пари, односно користољубие.

Адвокатот Туфегџиќ вели дека Ѓорчевски поминува низ голгота и доживува уште една трагедија.

Туфегџиќ очекува Апелациониот суд брзо да ја донесе одлуката, бидејќи притворот на Ѓорчевски е продолжен до 5 март.

Се чека на одлуката на советот во Скопска апелација, предводен од судијката Тања Милева.

За киднапирањето и убиствата на Вања Ѓорчевска и Панче Жежовски, во притвор се уште четворица осомничени, а првоосомничениот Љупчо Палевски се наоѓа во екстрадиционен притвор во Турција, откако беше уапсен по потерница во Беликесир на 5 декември.