Таравари ќе бара гаранции дека по уставните измени нема да има нови барања за Македонија

Претседателскиот кандидат на албанската коалиција „Вреди“, Арбен Таравари денеска најави дека ќе бара гаранции од високиот претставник за надворешна политика на ЕУ дека, по уставните измени, нема да има нови барања за Македонија надвор од Преговарачката рамка. 



„Во регионалната политика ќе се заложам за зголемување и продлабочување на регионалната соработка заснована на нашите вредности, меѓу кои е и Косово како независна, суверена и рамноправна држава. Моите главни цели во оваа област се: ќе барам гаранции од високиот претставник на ЕУ дека по уставните измени нема да има дополнителни барања за Македонија надвор од преговарачката рамка од 2022 година, мандатот за формирање на влада ќе му го доверам на партијата или партиите кои ќе докажат дека имаат мнозинство во Собранието, барајќи од мандатарот временски ограничен план за реализација на уставните измени врз основа на член 121 од Уставот, ќе му предложам на Собранието веднаш Македонија да излезе од иницијативата Отворен Балкан –  рече Таравари, додавајќи дека како претседател ќе се заложи и за целосно усогласување на нашата политика со онаа на ЕУ, особено во однос на санкциите на ЕУ против Русија.

Таравари рече дека неговата изборна програма почива на четири главни столба: Македонија интегрирана во регионот и во Европа, Македонија произведувач нбезбедност, Македонија како правна држава и Македонија како консензуална демократија.