Таравари со „дијагноза“ за Ахмети и ДУИ: Страдаат од „Гостиварски комплекс“, секогаш одат таму кога има избори!

„ДУИ страда од ‘Гостиварски комплекс’. ‘Секогаш кога има избори ‘интегристите’ доаѓаат во Гостивар.“ – изјави претседателскиот кандидат Арбен Таравари на албанската опозициска коалиција „Вреди“ при отворањето на нејзиниот штаб во Струга. Ова го објави ТВ 21. Инаку, Арбен Таравари, кој е и редовен професор по неврологија во Медицинскиот факултет при Универзитетот „Кирил и Методиј“ во Скопје, веќе има дадено и една своја друга „политичко-психијатриска дијагноза“ тогаш лично за Али Ахмети, изјавувајќи дека тој е „психопат“ и „случај за психијатриска болница“.



Во врска со отворањето на штабот на „Вреди“ во Струга ТВ 21 пишува: Претседателскиот кандидат Арбен Таравари нагласи дека секогаш кога се одржуваат избори ДУИ доаѓа во Гостивар. „Се сетив на Фројд, тој беше невролог, кој се занимаваше и со психологија. Едно од најдобрите истражувања му беа комплексите. Тој анализираше зошто одредени луѓе доаѓаат на едно одредено место, зошто употребуваат често еден ист збор и ми текна за ‘Гостиварскиот комплекс’. Првиот премиер-Албанец од Гостивар, претседателот на парламентот од Гостивар, претседателот на Верската исламска заедница од Гостивар, потпишувањата на сите договори во Гостивар, така лека-полека го развиваме политичкиот туризам.“ – кажа Таравари.

„ДУИ избега од етничката битка  и премина кон мултиетничкиот концепт.“ – рече лидерот на Алтернатива Африм Гаши во таа пригода. „ДУИ како главна партија која, победуваше на изборите 22 години, го напушти етничкиот кампус и премина во мултиетничкиот кампус. Но, се уште се води битка во албанскиот национален кампус и требаше на овие избори да се води битка меѓу двата етнички концепта во албанскиот кампус на власта и опозицијата. Требаше тој што ќе победи да ги застапува Албанците.“ – посочи Гаши.

Лидерот на Демократското движење Изет Меџити истакна дека сега единствениот албански табор е оној, каде што претседател е Арбен Таравари. „Единствен албански табор е оној, во кој претседател е Арбен Таравари. Во 2007 година беше постигнат договор за формирање влада на албанскиот победник со македонскиот победник. Но, добро е што беше прекинат овој договор во 2016 година, бидејќи тоа беше стратегиски интерес.“ – рече Меџити.

Претседателот на Беса Билал Касами изјави дека лидерот на „интегративците“ Али Ахмети целосно ја изгубил контролата. „Ахмети вели дека сите заедници се бореле во 2001 година. Фатмир Лимани кажа многу логично: Видете кои биле убиените, кои биле ранетите и ќе видите кој се борел во 2001 година.“ – порача Билал Касами.

При отворањето на штабот на албанската опозициска коалиција „Вреди“ во Струга Беким Ќоку од косовската партија Ветвендосје (Самопределување), политички советник за македонија на косовскиот премиер Албин Курти, ги нарече „безначајни политички фигури“ оние, кои коалицираат со ДУИ.