Откако во јавноста почна да се врти како извесно името на неврохирургот Венко Филипче како нов министер за здравство, реагира неговиот претходник Арбен Таравари од Алијанса за Албанците.
„На последната средба со господинот Заев, на која присуствував и јас, тој се согласи со нас идниот министер за здравство да биде од нашата партија. За жал, нема никаква комуникација меѓу биномот СДСМ-ДУИ, кој што веќе функционира како ВМРО и ДУИ. Ние како трета партија што беше дел од коалицијата немаме никаква информација, иако јас мислам дека би било коректно и човечки барем да се информира третиот партнер од коалицијата што се случува и какви се следните планови за во иднина“, изјави Таравари за телевизијата Телма.
Таравари го водеше Министерство за здравство од изгласувањето на Владата на Зоран Заев на 1 јуни до почетокот на кампањата за октомвриските локални избори, на кои беше избран за градоначалник на Гостивар, а неговата функција на државно ниво сè уште не е пополнета. Според Телма, Алијанса ќе остане на заменик-министер за образование или ќе добие министер без ресор задолжен за привлекување странски инвестиции.





