„Утрово нè напушти уште едно срце, возачот на Итната медицинска помош од Кочани Иле Гоцевски, кој беше на првата линија на оваа страшна трагедија. Тој одговори на повикот за спасување, но неговото сопствено срце не издржа. Некои болки се преголеми. Некои загуби се премногу тешки, за да се носат. Ова не е само трагедија. Ова е рана, што ја носи целиот народ. Тагата за 59-те млади животи згаснати во пожарот во Кочани се чувствува во секој дом, на секоја улица, во секое срце. Денес плачеме како едно. Никој не може да остане отпорен на ваква загуба.“ – објави на својот фејсбук-профил Арбен Таравари, министер за здравство и лидер на Алијансата за Албанците, од коалицијата Вреди – членка на Владата на Република Македонија.
Во својата објава на општествената мрежа Таравари дополнува: Во овие моменти, кога зборовите не се доволни, се поклонуваме пред сите лекари, медицински лица и спасувачи, кои без двоумење ги вложуваат своите животи за да спасат туѓи. Оваа трагедија уште еднаш ни покажа дека нивната работа не е само професија, тоа е жртва, тоа е храброст, тоа е човечност. Нека почива во мир нашиот медицински херој. Нека почиваат во мир младите, чии соништа згаснаа прерано. Никогаш повеќе да не доживееме ваква сурова реалност.
Оваа објава на Таравари наиде на реакција на Стефан Бурназов-Бурназ на фејсбук, кој, покрај другото, нагласи: Со мојот драг и никогаш прежален колега Иле, кој животот го загуби поради работата, и кобната ноќ и преку целиот нареден ден 24 часа го остававме животот и срцето на терен. На раце ми останаа телата на безброј деца и млади, меѓу кои и двајца мои најдобри другари. Помагавме неуморно и без престан. Болката, траумата и сликата ќе ми останат врежани додека чука и моето срце…





