Лидерот на крилот на Алијанса на Албанците Арбен Таравари изјави дека доколку коалицијата ВРЕДИ се обедини во една партија, партијата што ја предводи е подготвена за соработка на локалните избори.
Тој во емисијата ClickPlus ги коментираше и последните случувања во рамки на коалицијата ВРЕДИ, каде се дискутира за обединување во една политичка партија.
„Не ги сакам ултиматумите, никогаш во животот не сум функционирал со ултиматуми, напротив, тоа создава лошо чувство“, вели Таравари според кој за обединување воопшто не се зборувало во последниве 4-5 месеци.
„Повторно можеме да ја отвориме таа тема, сме подготвени да разговараме, но ако ни се каже одеднаш – следната недела решивме да се обединиме, а јас тоа не го знам, значи координацијата за обединување требало одамна да се направи“, изјави Таравари.
Тој рече дека се подготвени како Алијанса за соработуваат на локалните избори.
„Ако се обедините, тука сме како Алијанса да соработуваме со вас на локалните избори. Ако мислите дека Алијансата за Албанците не треба да учествува со вас, тогаш ќе настапиме самостојно.
Подобро чесно да се обидеме, да побараме поддршка таму каде што мислиме дека треба и од оние од кои мислиме дека треба да побараме поддршка – нашата цел ќе биде како политичка партија да победиме во неколку општини“, изјави претседателот на АА, Арбен Таравари.






