„Коалицијата Вреди подготвува нов закон за правична и соодветна застапеност. Ќе бидеме во координација со коалициските партнери. Се надевам дека следната седмица предложениот закон ќе се најде на јавна расправа. Беше констатирано од сите страни, оти балансерот не функционирал како што треба.“ – изјави денес Арбен Таравари, еден од лидерите на коалицијата Вреди и министер за здравство, во настап за медиумите. Ова го објави ТВ 21.
Како што пренесе вчера весникот на албански јазик „Лајм“, исто така и вицепремиерот за добро владеење Арбен Фетаи најави дека многу скоро ќе започнат јавната расправа и консултациите со експерти за предлог-законот за правична застапеност, за кој истакна дека тој е негов автор.
„Предлогот на законот е подготвен уште пред три години. Јас го изготвив со еден експерт од регионот. Не е точно дека законот имал недостатоци, но во времето кога претседател на Алијансата за Албанците беше Зијадин Села немаше политичка волја да се придвижи напред оваа работа. Јас го презедов авторството на овој закон. Доказите ги имам и по електронска пошта, во размената на мислења со експерти, во различните верзии на овој закон, кој стоел со години во фиоки од причини, што ги знае Зијадин Села. Се сеќавам и сега дека имаше предлог на споменатиот закон заедно со аналитичкиот центар на партијата, кој го подобривме, консултиравме експерт по административно и граѓанско право од нашата земја и сега го имаме финален за јавна консултација.“ – рече Фетаи при учеството во ПикПодкаст.





