Градончалникот на Гостивар и лидер на едно од крилата на Алијанса на Албанците кое е дел од коалицијата ВРЕДИ, Арбен Таравари, вели дека се’ уште размислува дали ќе ја прифати функцијата министер за здравство во новата влада..
Таравари беше министер за здравство во периодот од 1 јуни до 31 октомври 2017 година
Тој потврди дека дел од пишувањата на некои медиуми за распределба на владините ресори и функционерски места се точни.
„За министри, од Алијанса, кажав дека ќе имаме заменик-премиер, односно министер за добро владеење и транспарентност и министер за здравство и двајца заменици министри за одбрана и за земјоделство и двајца државни секретари. За еден знам, за здравство, за другиот не сум сигурен“, рече Таравари во изјава за МИА.
Според Таравари, можеби денеска или утре ќе биде објавен дефинитивно договорот меѓу идните владини партнери, Вреди и ВМРО-ДПМНЕ.
„Освен нас, се надевам и друга партија, сега немам информација од ВМРО-ДПМНЕ дали е постигнат договор и со ЗНАМ, така што следните 24 до 48 часа, сигурно ќе биде објавено“, рече Таравари.





