„Арбен Таравари, кандидатот за претседател од коалицијата ‘Вреди’ преку објава на фејсбук му одговори на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски, кој синоќа изјави дека ќе стапи во контакт со Таравари, за да разговара за можна соработка. Според Таравари, овој предлог на Мицкоски ‘покажува дека и ВМРО-ДПМНЕ разбрала каде стои албанскиот глас’. Сепак, првиот човек на Алијансата за Албанците вели дека ‘Вреди’ ќе се насочи на изборите на 8 мај, за да обезбеди колку е можно повеќе пратенички мандати“. Ова го објави ТВ 21. Инаку, по завршувањето на првиот круг на претседателските избори на 24 април претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски изјави дека му посакал успешни парламентарни избори на Таравари, претседателскиот кандидат на албанската опозициска коалиција „Вреди“, споменувајќи ја идната влада во тој контекст. „Се слушнав со албанската опозиција, со Арбен Таравари. Му честитав на резултатот и му посакав успешни парламентарни избори, идна влада во Македонија. Сакав само да му изразам поддршка, да им изразам поддршка на сите оние, кои се обединија против лошите политики на ДУИ и СДСМ, а се дел од албанската опозиција. Исто така и ние, како ВМРО-ДПМНЕ, со сите оние што се против овие политики, кои значат корупција и криминал, подготвени сме да разговараме за иднината на Македонија.“ – кажа Мицкоски, наведувајќи дека не може да изнесе повеќе детали за тоа.
ТВ 21 ја пренесува најновата објава на Таравари на фејсбук: „По изборите ќе се водиме од националниот интерес на Албанците, од итната потреба да се исчисти власта од корупцијата, како и од нашата зазападна ориентација, за која нема преговарање. Ние, како коалиција ‘Вреди’, сме обединети како никогаш досега. Нашиот глас е мнозинството на албанскиот глас. Ние ги штитиме и ги унапредуваме Албанците, не ги продаваме, ниту ги купуваме’!“





