„Денеска одржав средби со претставниците на здружението ‘Обединети Торбеши’ од Струга. На средбата се разговараше за конечниот статус на Торбешите како посебна етничка заедница во Р*М, особено за нивното формално признавање во уставното право на Р*М, според потенцијалот за промени во Уставот, во Преамбулата.“ – објави на својот фејсбук-профил Арбен Таравари, градоначалникот на Гостивар и лидер на крилото во Алијансата за Албанците, со кое тој раководи. Инаку, во аналитичката статија под наслов „Уставните измени на врела рингла“, објавена на интернет-страницата на Дојче веле на македонски јазик на 15 мај 2023 година, претседателот на Сојузот на Македонците со исламска вероисповед, Исмаил Бојда ја даде следната изјава: „Торбешите зборуваат македонски јазик, пишуваат на кирилица и нема разлика во песните, обичаите, фолклорот и традициите. Торбешите се значаен и нераскинлив дел на македонскиот народ и нивното внесување во Уставот како посебна етничка заедница ќе води само кон расцепкување на македонското национално ткиво.“ Исто така, и Галаба Паликрушева, еден од најголемите експерти за прашањето на исламизираните Македонци и нивниот докажан македонски јазичен национален и културен идентитет, која е македонска историчарка, етнолог и универзитетска професорка на Филозофскиот факултет во Скопје (1928-2009), уште во 1965 година во својата докторска дисертација, по долгогодишните и обемни теренски истражувања и интервјуа со исламизираните Македонци, ќе констатира: „Македонците со муслиманска вероисповед се Македонци и ништо друго! Тие се составен и нераскинлив дел од македонскиот народ. Тие се крвни браќа со православните Македонци!“
Арбен Таравари на фејсбук напиша: „Ако се земат предвид официјалните податоци од последниот попис на населението и домаќинствата во нашата држава, како Торбеши се изјасниле 7000.00 граѓани. Тоа претставува јасна причина за желбата на овие жители за самоопределување како посебна етничка заедница, која заслужува посебно место како и другите национални и етнички групи во Преамбулата на Уставот на Р*М.“
„Уставниот поредок на нашата држава, особено неговите измени согласно со Охридскиот рамковен договор, за остварување на правото на секој граѓанин, освен личното чувство на припадност на националната, или етничката група, тоа бара и нејзино формално признавање. Од овие причини треба да бидат и Торбешите дел од Преамбулата на Уставот. Со тоа овие жители ќе можат целосно да се вклучат во системот како лојални, вредни и способни луѓе, со можност подеднакво да ги остварат своите права на живот, работа и образование според остварувањето на принципот на позитивна дискриминација.“
„Поради претходно споменатата причина, коалицијата Вреди покажа јасна позиција дека ги поддржува Торбешите во ова барање и јавно се обврзува дека за секоја евентуална промена на Преамбулата на Уставот на РСМ, ќе работи така што, покрај другите заедници, и Торбешите се дел од Уставот на РСМ, истакнати како посебна етничка заедница.“





