Таравари за БГНЕС: Уставот на С.Македонија мора да се промени согласно со Преговарачката рамка со ЕУ

„Јас сум оптимист дека ќе се најде решение меѓу Софија и Скопје, за да го надминеме овој кризен период и да започнеме преговори со ЕУ“ – ова го изјави во интервјуто за бугарската новинска агенција БГНЕС Арбен Таравари, претставен како „министер за здравство на С.Македонија и претседател на Алијансата за Албанците, дел од владејачката коалиција“. Го пренесуваме во интегрална форма ова денешно интервју од интернет-страницата на БГНЕС.

До што ќе доведе одбивањето да се спроведе Преговарачката рамка со Европската Унија?
Таравари: Премиерот (Мицкоски) сака некаква гаранција, за да нема нови услови, бидејќи беше тежок патот на С.Македонија кон преговорите и членството во НАТО . Јас сум оптимист дека ќе се најде решение меѓу Софија и Скопје, за да го пребродиме овој кризен период и да започнеме преговори со ЕУ.

Барате решение надвор од Преговарачката рамка, затоа што во неа пишува дека мора да се смени Уставот?
Таравари: Не, не. Во секој случај, уставот мора да се смени. Премиерот со право сака некаква гаранција дека тоа е последниот услов, оти нема да има други услови за Македонија. Се надевам дека ќе се најде некое решение меѓу Скопје и Софија, макар и со гаранции од Брисел и Вашингтон, да помине овој период, кој е многу важен за С.Македонија.

Има ли загриженост кај Албанците – вашите гласачи – дека ќе останат надвор од Европската унија, затоа што Република Албанија пред неколку дена отвори нов кластер на преговори?
Таравари: Се разбира. Не само Албанците, туку и повеќето Македонци се „за“ членство, „за“ преговори на С.Македонија со Европската Унија и за час поскоро пристапување. Јас лично се согласувам дека има притисок од албанските граѓани, поради тоа што Албанија веќе ги започна преговорите. Се надевам дека бргу ќе станат членови на ЕУ. Се надевам и – оптимист сум – дека и Македонија наскоро ќе ги започне.

Што се случува во коалицијата Вреди?
Таравари: Ништо посебно. Нашата партија Алијанса за Албанците на изборите ќе излезе самостојно, а останатите три партии ќе продолжат заедно како коалиција Вреди. Побаравме советничките листи да бидат одвоени, сакаа да бидат заеднички и затоа ќе настапиме со сопствени кандидати за градоначалник и општински советници.

Има ли судир меѓу партиите во коалицијата?
Таравари: Не, нема судир, само недоразбирања. о оглед на социолошките истражувања, ние гледаме дека сама „Алијансата за Албанците“ е голема колку овие три партии заедно. Затоа првично побаравме да бидат одвоени само листите за општински советници, а кандидатите за градоначалници да бидат заеднички за Вреди. Останатите три партии не прифатија и решивме, со нив и со кандидатите, да одиме сами (на избори).

Има ли можност за промени во владејачкото мнозинство и владата?
Таравари: Не верувам во моментов. И да има, не е ништо трагично. Се наоѓаме во период пред локалните избори. Секоја партија прави своја стратегија. Има стабилност и соработката со премиерот е добра.

Демократската унија за интеграција на Али Ахмети соопшти дека Албанците се отстранети од новата наставна програма за 7 одделение. Каков е вашиот став по ова прашање?
Таравари: Немам такви информации. Сепак, не верувам дека може да се случи такво нешто. Учебниците по историја се и на албански и на македонски јазик. А за албанскиот народ има посебни лекции, што се однесува до учебниците. | БГНЕС



Најчитани статии Поддршка што драматично може да ги намали тензиите во Македонија
Хајредини: Албанците треба да ја поддржат одлуката на Македонците за идентитетските прашања